Апелацискиот суд Скопје делумно ги уважи жалбите на 16-темина обвинети за нападот во Собранието на 27 април 2017 и на најголемиот дел првостепените пресуди се намалени за две години, на дел од обинетите казната им е намалена за една година, а потврдена е ослободителната пресуда за обвинетиот Игор Дурловски.
На поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, казната му е преиначена од 18 на 16 години затвор, а Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Јане Ченто, Вилијам Михајловски и Мунир Пепиќ наместо 15, добија казна затвор во траење од по 13 години. За две години помалку – од 13 на 11 години, е преиначена казната затвор на Оливер Поповски.
Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо се осудуваат на казна затвор во траење од по 14 години, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на казна затвор во траење од по 11 години, Оливер Радулов на 9 години, Александар Василевски – Нинџа на 7 години и обвинетиот Абдуљифета Алими на 6 години.
Обвинетите се прогласени за виновни за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од Кривичниот законик, а Апелација одлучуваше по поднесените жалби.
Првостепената пресуда беше донесена од Основниот кривичен суд на 15 март 2019 година, а во таму во тек е судењето за организација на нападот во Собранието, каде што обвинети се Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски.
Извор: Слободен Печат