Пратеникот од Левица и лидер на партијата, Димитар Апасиев, денеска сепак, испиша и мал, но значаен пофален збор за премиерот Зоран Заев.
Тоа го пренесе и на својот фејсбук профил.
„Синоќа, сефте, се соочивме со Премиерот… Рака на срце, ме ислуша човекот, па и реплика ми зеде“, напиша Апасиев, споделувајќи си го видеото од својот настап во парламентот.
Инаку, познато е дека Апасиев е жесток критичар и на претходната, и на сегашната Влада на премиерот Зопран Заев. Тој постојано дава забелешки за СДСМ, особено за нивиот однос и став за националните прашања на земјава, некогаш и со вокабулар кој многумина го сметаат за спорен и дека не прилега на еден професор и пратеник.
Инаку, на вчерашната седница на која беа избрани 16-те заменици министри во Владата, Апасиев од собраниската говорница порача дека нема потреба од нив. Нивното место во системот, смета тој, треба да го преземат државните секретари.
„Предложените персонални решенија водат кон еден непринципиелен процес кој се случува надвор од духот и духчињата на рамковниот договор, како што угледниот Frankfuter Allgemejne Zejtung го нарекува либанизација на Македонија, односно дејтонизација или бејрутизација, како предворје на идната кантонизација и федерализација и можна сецесија. Во Македонија под премиерската палка на премиерот Зоран Заев се случува образец за мултиетнички грабеж, она што ние го нарекуваме башибозук или заедничко заробување на институцуиите, каде што побитно е кој што е, гледано во етничка смисла, отколку кој колку вреди“, изјави Апасиев.