Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев првин, како и сите колеги министри, понудил кратење на буџетот на полицијата за 1,4 милиони евра кога се правел ребалансот на Буџетот, а откако бројките биле стокмени и пресмтките затворени, преку фејсбук побара за секој полицаец по 15.000 денари.
Министерката за финансии Нина Ангеловска на прес конференција кажа дека министерот за внатрешни работи Наќе Чулев бил кооперативен при правење на ребалансот и доставил предлог за кратење од 88 милиони денари во МВР.
„Тој предлог беше ефектуиран. Морам да кажам дека овојпат при правењето на овој ребаланс, поставивме концепт Министерството за финансии за ништо на своја рака да не крати средства. Предлогот што сега го спомнувате, а кој јас го прочитав од медиумите, не кореспондира со барањето на министерот при кроењето на ребалансот“, одговори Ангеловска на новинарско прашање за 15-те илјади денари награда за полицајците што на фејсбук ги најави Чулев.
На повторно прашање дали ќе има награда за полицијата од по 15.000 денари за справување со коронавирусот, Ангеловска кажа дека во моментов државата нема такви можности, а секој министер, вклучително и таа, би сакал да предложи награда за своите луѓе. Кажа дека тоа треба да се случи кога ќе се избориме со пандемијата.
„Лекарите беа во првите борбени линии и Владата одлучи со ребалансот да ги награди. Тука секако се и полицијата, војската, пожарникарите, комуналците кои ги дезинфицираа улиците, инспекторатите…сите оние кои работеа и по 16-17 часови на ден, и саботи и недели, за да го зачуваат здравјето на граѓаните. Сите луѓе кои работеа деноноќно, вклучително и тие од Министерството за финансии кои работеа на мерките, на ребалансот и буквално не одеа дома, треба да бидат наградени“, рече таа, но додаде дека министрите имаат уште поголема одговорност и треба да бидеат реални, разумни и уште порационални во тој процес.