Премиерот Димитар Ковачевски најави дека до 2023 година, персоналниот данок на вработените во информатичката индустрија ќе биде укинат.
Владата секогаш ја поддржува секоја индустрија, а особено ИТ индустријата, бидејќи ИТ индустријата има навистина голем раст, дојдена е веќе на ниво на милијарда евра. Нашиот план е да ја зајакнеме и да го забрзаме нејзиниот раст уште повеќе, и тоа преку намалување на даноците за вработени, преку намалување на трошоците за преквалификација, како и намалување на даноците за обезбедување лиценци кои се основно средство на една ваква компанија, изјави Ковачевски.
Најавата Ковачевски ја направи за време на посета на компанијата „Меџикс“ на претприемачката Катериа Здравевска. Вработените во ИТ индустријата, кои обично примаат значително повисоки плати од државниот просек, сега плаќаат 10 проценти, како и сите други вработени. Тие требаше да бидат на удар на прогресивното оданочување кое се обиде да го воведе првиот министер за финансии на Заев, Драган Тевдовски, но оваа одлука беше поништена пред да стапи на сила.
Сега, оданочувањето на добро платената ИТ индустрија оди во спротивната насока, и додека вработените во останатите бизнис гранки ќе плаќаат данок, компјутерџиите ќе бидат поштедени од оваа обврска. Одлуката би требало да помогне дополнително да се развие овој брзо растечки сегмент на индустријата, кој е еден од главните извозни гранки во Македонија.