Битолската полиција уапси 56 годишен граѓанин кој е осомничен дека го испратил заканувачкото писмо до јавниот обвинител Љубомир Јовески. Писмото, напишано рачно на англиски јазик, содржеше закани до обвинителот поради процесот што тој го иницираше против новинарите Горан Момироски и Драган Милосављевиќ.
Обвинителката Вилма Рускоска информираше дека обвинетиот С.З. од Битола ќе биде гонет за „загрозување на сигурноста“. Тој бил идентификуван со помош на агенти на Агенцијата за национална безбедност, а по претресот во неговиот дом и во домот на неговата мајка биле одземени компјутер и мобилен телефон, како и средства со кои го изработил писмото. Агентите спровеле и графолошко вештачење за да утврдат дали ракописот од писмото се совпаѓа со ракописот на осомничениот.
Рускоска соопшти дека и таа добила две заканувачки писма од истото лице, а тој испратил писмо и до една амбасада во Скопје. Писмата биле испратени во декември и во средината на јануари.
Според содржината од едното писмо кое беше објавено, граѓанинот бил револтиран по најавата на новинарите Момироски и Милосављевиќ дека се под истрага. Тие не соопштија за што точно се товарат, но навестија дека обвинителите ги истражуваат поради наводно кршење на државна тајна во рамките на нивното известување. По објавувањето на писмото, Јовески изјави дека истрагата против новинарите била прекината уште пред тоа да биде испратено.
Во заканувачкото писмо до Јовески има закани дека тој ќе биде убиен и дека испраќачот е од „терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“. Писмото предизвика и скепса во јавноста, пред се поради употребата на наметнатото име „Република Северна Македонија“ во него – што не соодветствува со остатокот од содржината на писмото.