Уставниот суд не се осмели да расправа за барањето на професорката Тања Каракамишева, која го оспори Преспанскиот договор. Каракамишева побара заштита на нејзините права и слободи од судот, обвинувајќи дека со Преспанскиот договор се кршат нејзините индивидуални права. Судот не само што го отфрли барањето, туку судијата Кадриу даде оценка дека Преспанскиот договор бил многу полезен за државата, и поради тоа треба да остане на сила.
Уставниот суд на денешната седница сосема очекувано го отфрли моето Барање за заштита на лични права повредени со Договорот од Преспа, бидејќи според судијата Осман Кадриу, цитирам: ‘Договорот не бил поединечен акт, а преземените дејства не биле индивидуални дејства со кои може да бидат повредени индивидуални права на поедини индивидуи, групи граѓани или правни лица’?!?
Судијата Кадриу дури дал оценка за sпогодбата дека со неа се решавале, цитирам: ‘државни интереси за добробит на сите граѓани и целата држава, согласно тоа не постојат услови Уставниот суд да одлучува по ова барање’, изјави Каракамишева откако одлуката беше експресно донесена.
Таа посочува дека со договорот, со кој се наметнува името „Северна Македонија“, се определува нов израз за македонската нација – „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“ и се даваат дефиниции за македонската историја и македонскиот јазик, се кршат нејзиното лично право, но и правото на секој Македонец, слободно да се самоопределуваат.
Во член 51 од Деловникот на Уставниот суд стои дека „секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање“. Деловничката одредба повикува на постоење или на поединечен акт или на дејство со чие што извршување била сторена повреда на слободите и правата.
Според мене, сите горенаведени дејствија се дејства со кои се повредуваат моите лични и неприкосновени права, правото на самоидентификација, право на самоопределување, право на свој национален и културен идентитет, право на име на држава, додаде Каракамишева.
Професорката најави дека ќе го продолжи процесот пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, оценувајќи дека „очигледно правдата не може да ја добие пред македонските судови“.