По повеќе од четири години во затвор, Игор Југ за првпат доби слобоен викенд, а со тоа и можност да си ја види ќеркичката Катерина – за првпат надвор од затвор.
Неговата сопруга Ивана зборуваше со Алфа телевизија за голготата на човекот кој е осуден на 12 години затвор за тероризам – за учество во инцидентот во Собранието на 27 април.
Игор за мене не е ниту терорист ни уставобранител. За мене, Игор е сопруг, родител, човек кој е неправедно осуден во намонтирани случаи. Целиот предмет е монтиран да се доведе до делото тероризам, вели Ивана за Алфа.
Таа го опишува апсењето, при што домот на Југ во Куманово беше првиот опколен од полицијата, која во 2017 година ги уапси организаторите и учесници во протестите За Заедничка Македонија, за потоа процесот да се искористи од власта на Зоран Заев за да се уценат тројца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за промена на името. Ивана Југ била во четврти месец бременост со Катерина кога домот бил нападнат.
Дојдоа во 4.30 сабајле во нашиот дом. Спектакуларно приведување, со блокирање улици, со специјалци, со кршење врата, демолирање на целиот стан, како да е најголем криминалец, вели Ивана, која денес живее со нивните три деца.
По години поминати во затвор, Југ минатата недела конечно доби слободен викенд и можност да го посети семејството во Куманово. Катерина е веќе потпорасната.
Родител да види дете на четири и пол години, за мене тоа е болно. за него верувам уште по-болно е враќањето во самиот затвор. Катерина е дете на кое нашите закони не му дозволија да има родител. Во една демократска држава која ни зборува за заштита на деца, ова дете беше обесправено, вели Ивана Југ.