На Јутјуб е објавена снимка во која неименувана обвинителка му се заканува на обвинителот Војо Димоски дека ќе биде избркан од работа поради неговите коментари на Фејсбук. Димоски е чест критичар на работата на судството на социјалните мрежи, поради што очигледно се соочува со силни притисоци.
Тој објави дека не знае како биле направни снимките и кој ги пуштил на Јутјуб и ги повика надлежните да го испитаат тоа.
Да се воздржиш од несоодветни написи на Фејсбук. Сега е последна опомена. Наредно видов ли несоодветен напис, ќе преземам мерки. Не ме терај да преземам мерки оти ќе преземам. Немој да пишуваш за тоа како работи судството. Немој да си напишал дека си дошол во обвинителството со намера да подобриш, меѓутоа ќе си одиш оти ништо не успеа, женскиот глас му вели на обвинителот, и го потсетува дека и против други обвинители биле покренати постапки затоа што се изјасниле за одлука на нивните претпоставени.
На Фејсбук статусот на Димоски се наредија голем број честитки до него и повици да издржи против притисоците.