Партијата ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски излезе со предлог Македонија и Бугарија да стават уште еден датум на календарот на заеднички прослави – и тоа токму 29 ноември – денот кој некогаш се славеше како празник на СФР Југославија.
Но причината што ја посочува Георгиевски е сосем поинаква. На тој ден македонските партизани и баталјонот Христо Ботев – составен од бугарски војници кои се приклучиле на партизаните – се судрил со српски четнички одред.
Тоа дотогаш била една од најголемите битки и најголема победа во која помалобројните партизани разбиле единица од 800 четници. На тој начин му било ставено крај на движењето на македонските четници, кои до 1943 година биле многу помногубројни и од македонските партизани, предлагаат од ВМРО-НП.
Вардарскиот четнички одред бил предводен од офицери на некогашната југословенска кралска армија и во него се бореле главно Срби и про-српски настроени Македонци. Бугарија ја сменила страната во војната во септември 1944 година, но и претходно дел од заробените бугарски војници се приклучиле на партизаните и го формирале баталјонот Христо Ботев кој учествувал во борбата што ја посочуваат од ВМРО-НП.