Се случи чин кој ги минира и сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија, вели копретседателот во заедничката Комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓорѓиев за Дојче Веле.
„Именувањето на бугарскиот културен клуб во Битола со името ‘Ванчо Михајлов не претставува ништо друго освен смислена провокација, кој во исто време праќа и порака, смета Ѓоргиев.
„Станува збор за историска личност која поради нејзините идеи за непостоење на македонската нација, кај Македонците има добиено крајно негативна содржина. И кога името на таква личност се наметнува како назив на културен клуб на територијата на македонската држава, а притоа таа личност нема никаква врска со културата, тогаш тоа може да се сфати единствено како арогантна провокација, па дури и како чин кој преминува на спротивната страна од т.н. пријателство“, оценува Ѓоргиев.
Според него, називот на бугарскиот културен клуб во Битола праќа и порака до Македонците, која нема никаква врска со културата.
„Повеќе од очигледна е тенденцијата да се потсети македонската јавност дека познатите идеи на Михајлов во однос на македонската нација и јазик ќе продолжат да бидат негувани во самата Македонија. Порака која, за жал, ќе го направи уште поголем расколот меѓу Македонците и Бугарите, оценува Ѓорѓиев.