Најавите се остварија. Ценовен струен шок нема да има. Универзалниот снабдувач стартува со работа од 1 јули.
Ниту поскапо ниту поевтино. Цената на струјата останува иста и по официјалниот старт на работа на т.н. универзален снабдувач. Граѓаните можат да бидат мирни:
„Нема промена на цената на струјата, граѓаните можат да останат мирни. Како и што најавивме, нема ниту ценовен шок ниту пак какви било корекции. Сѐ останува како што е досега, нормално освен, што од понеделник 1 јули почнува со работа новиот универзален снабдувач кој ќе им испорачува струја на домаќинствата по регулирана цена“, изјави за Дојче веле, Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Неосновани стравувања
Официјализирањето на старо новата цена на струјата ги смирува стравувањата кои се проширија со целосната либерализација на пазарот на електрична енергија од 1 јануари 2019. Првиот човек на регулаторна и досега тврдеше дека тие биле неосновани:
„На регулираниот пазар не треба да има страв дека ќе има поскапување на струјата, а не очекувам тоа да се случи и на слободниот пазар, освен се разбира доколку не се случи нешто драматично со увезената цена на струјата. Но клучно е дека домаќинствата можат да останат на регулираниот пазар и таа информација е многу битна да ја знаат граѓаните”, тврдеше Бислимоски.
„ЕВН Хоум“- универзален снабдувач
Од 1 јули домаќинствата ќе добиваат електрична енергија од ЕВН Хоум. Новиот универзален снабдувач практично не значи ништо за граѓаните бидејќи овој правен субјект произлегува од ЕВН Македонија, енергетската компанија која и досега ги снабдува домаќинствата. Од она што е досега познато, ниту едно домаќинство не излегло на слободниот пазар, односно сите корисници на услугите на ЕВН остануваат во дистрибутивната мрежа на оваа компанија. Единствената новина е што домаќинствата ќе добиваат сметки на кои ќе пишува ЕВН Хоум:
„Од 1-ви јули сите домаќинства и мали потрошувачи коишто нема да направат промена на својот снабдувач, нешто што според цената на електричната енергија на отворениот пазар е сосема разумно и очекувано, ќе преминат по автоматизам од ЕВН Македонија во новата комапнија ЕВН Хоум. За таа цел потрошувачите нема да потпишуваат никакви нови или дополнителни договори за снабдување, а ќе продолжат да добиваат и понатаму една фактура во која ќе биде вкалкулирано сѐ. ЕВН Хоум ќе им ги нуди сите иновативни услуги на своите потрошувачи како е-фактурите, on-line плаќањето, терминалите и сѐ она што е поврзано со клиентското опслужување”, објаснуваат од ЕВН Македонија.
izvor – www.dw.com