Патријархот на Константинопол Вартоломеј, кој важи за прв меѓу еднаквите во православниот свет, и синодот на Вселенската Патријаршија, донеле одлука да ја тргнат шизмата врз Македонската православна црква, која е воведена по нејзиното прогласување на автокефалност од Српската православна црква.
Одлуката може да биде прв сериозен чекор кон признавање на МПЦ. Но, во пораката од Вселенската Патријаршија стои дека ова не се однесува на името на црквата, што е очекувано, имајќи предвид дека грчки свештеници доминираат во нејзиното седиште Фанар, и црквата се именува како Охридска Архиепископија. Синодот на МПЦ предупредува дека ова не значи и признавање на нашата црква, но дека се признава дека црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан е канонска и може да влезе во општење со другите православни цркви.
Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт, пишува во соопштението од Фанар.
Во него се додава дека останува српската и македонската црква дополнително да ги уредат отворените прашања меѓу нив. „Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Како име на оваа Црква го признава „Охридска“ (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“.