Поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер на Зоран Заев, Никола Димитров, ги повтори своите предупредувања дека на Македонија и се подготвува крајно штетен договор со Бугарија кој ќе ги наруши македонските национални интереси. Димитров, кој беше потписник на договорот од Преспа, ја критикуваше Владата на Ковачевски, како и опозицијата, за нападите врз него, за кои рече дека се лични, а не суштински.
Тоа што луѓето многу малку се занимаваат со тоа што го зборував, а многу со мене, потврдува дека моите предупредувања и стравување во однос на маката со Бугарија се оправдани. Кога удирате по човекот што го зборува, а игнорирате што се зборува е проблем. Тоа личеше како да е диригирано од еден или два партиски центри. Луѓето кои што носеа по митинзи, небаре бев рок-ѕвезда, истите тие сега со дрва и камења ме напаѓаат. Јас сум истиот човек, ги имам истите гледања и ставови. Ништо кај мене не е сменето, изјави Димитров во заедничкото гостувањето со поранешниот министер Никола Тодоров во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
Димитов изјави дека главни позиции од кои Македонија не смее да отстапи е да се обезбеди македонскиот јазик да биде прифатен од Бугарија без дополнителни објаснувања, и со текот на времето да стане службен јазик на Европската Унија. Димитров потврди дека Бугарија сака македонскиот јазик да биде редефиниран како јазик кој произлегол од бугарскиот, и го обвини новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков дека по некои идентитески прашања е уште потврд од неговиот претходник Борисов.
Со целата надеж која ја имам во новиот бугарски премиер Кирил Петков, Бојко Борисов сред Скопје и мислам еднаш во Струмица јавно во камери „македонски народ“. Но на новинарско експлицитно прашање тој (Петков) немаше доволно храброст да го изговори тоа, рече Димитров.
Тој воедно побара Македонија да инсистира да преговара со Европската Унија, а не само со Бугарија, односно да не дозволи Бугарија преку своето право на вето да го преземе процесот на преговори со Македонија и да го подреди на нејзините барања.
Димитров и Тодоров предупредија дека кризата околу Украина го пренасочува вниманието на европските држави и на САД, кои немаат доволно капацитет да се справуваат со спорот Македонија – Бугарија. Според Тодоров, кризата во Украина дури може да ја засили позицијата на Бугарија, која е стратешки важна во однос на Украина, и ќе може во тој контекст да постави свои услови во однос на Македонија.
Ќе се загуби комплетно фокусот на нашето прашање, и никој нема да има интерес да посредува или да бутка. Во една таква ситуација, во оваа асиметричност, дека тие (Бугарија) се во клубот а ние сакаме да бидеме во клубот, тоа ќе биде на наша штета. Бугарите имаат важна геостратешка позиција тука и во таа глобална игра тие може повторно на маса да го стават македонското прашање и да бараат некаква скриена поддршка во некаков правец, оцени Никола Тодоров.
Димитров додаде дека третманот на Македонија, која дури и по Преспанскиот договор не го доби ниту првиот чекор кон прием во ЕУ, ги поттикнува другите држави кои имаат отворени спорови, како Србија, да се откажат од трошење политички капитал за решавање на спорот со Косово, ако потоа не и е загарантирано дека со таа отстапка ќе влезе во ЕУ.
Вториот голем проблем за целиот контекст во регионот е бледнеењето на европската идеја и европската иднина. Ние сме сведоци на големи внатрешни кризи во ЕУ. По влегувањето на Хрватска во 2013 година нема нешто многу ново. Од ветувањето од Солун во 2003 година дека „сите ќе бидете еден ден во ЕУ“, гледаме особено на нашиот најдрастичен случај дека се кршат тие ветувања и има малку доверба. Од „сите одиме натаму, границите ќе станат неважни, одеднаш границите стануваат важни“. Ние не сме во големиот фокус затоа што има уште поголем проблем, поголема опасност за пожар, меѓу Русија и Украина. Тоа е главната преокупација и на Европа и на Вашингтон последните денови и недели, изјави Димитров.
Двајцата поранешни функционери, кои своите кариери ги градеа главно низ ВМРО-ДПМНЕ, беа прашани дали планираат да формираат своја партија, што го прифатија со смеење, но не одговорија одречно.
Мислам дека политичка побарувачка од нова политичка сила има. Тоа го покажаа последните локални избори, и со неизлезноста, и со гласовите за граѓански здруженија и независни листи. Јас сум уште во фаза на анализа да видам мојата улога како би била најпродуктивна, и во општествен и политички ангажман од кој апсолутно немам намера да се откажам, меѓутоа рано ми е да кажам баш конкретно што ми е планот, одговори Димитров.