Францускиот претседател Емануел Макрон, кој во 2019 година ја блокираше Македонија и не ни дозволи отворање на преговори за членство во ЕУ, и формално застана зад предлогот да се создадат две унии. Едната, централната, ќе биде тесно интегрирана и нејзините држави ќе бидат полноправни членки на ЕУ, а другата ќе биде составена од голем број на лабаво интегрирани и поврзани држави и во неа ќе влезат и Британија, Украина и други источни држави. Овие земји нема да бидат потполни членки на Унијата.
Не е тешко да се претпостави во кој круг ќе заврши Македонија.
Во својот коментар, Макрон посочи дека ЕУ мора да им даде некаква надеж на земјите како Украина, Грузија и Молдавија, но дека за тие да станат полноправни членки ќе бидат потребни години, а можеби и децении. Тој најави дека и земји кои ја напуштиле ЕУ можеби ќе сакаат да бидат членки на поширокит круг на земји околу Унијата.
Ваквата политичка заедница ќе им дозволи на демократските европски земји кои веруваат во нашите суштински вредности да добијат нов простор за политичка соработка во безбедносни, енергетски, транспортни, инфраструктурни и други прашања, со слободно движење на луѓето, особено на младите луѓе, порача Макрон.
Македонија инсистира дека бара полноправно членство во ЕУ, но со грчкото, француското и сега бугарското вето, оваа можност никако да ни се приближи. Многу е веројатно дека во визијата на Макрон, местото на Македонија е во надворешниот круг на земји кои нема да станат полноправни членки на Унијата и покрај сите отстапки и понижувања.