Со сериозното зголемување на тензиите меѓу Македонија и Бугарија, кое започна со објавувањето на планот на францускиот претседател Емануел Макрон, Македонците во Бугарија се соочуваат со нови закани. Од ОМО „Илинден“ – ПИРИН информираат дека Друштвото за заштита на основите човекови права – македонска организација која дејствува во Бугарија – се соочило со закани во врска со нивното седиште.
Две цивилни лица, кои не се претставиле, дошле кај сопственичките и им се заканиле и побарале да го избркаат друштвото од просторијата. Потоа им рекле дека пак ќе дојдат. Исплашените сопственички денес го замолиле Друштвото да го прекинат договорот по заемна согласност. Од друштвото изјавуваат дека ќе го внесат случајот во Обвинителството и ќе се борат за своите права. Во минатото на сличен начин и повеќе пати со анонимни јавувања на телефон беа правени закани против животот и здравјето на уредникот на Народна волја Георги Христов и неговата сопруга. Сторителите и покрај повеќе жалби во полиција никогаш не беа откриени, но после секоја жалба прекинуваа привремено со заканите, информираат од ОМО „Илинден“ Пирин.
Од Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права велат дека ова е дел од драматичниот пораст на случаи на закани и малтретирање на Македонците во Бугарија. Според организацијата со седиште во Канада, заканите се резултат на одлуката на Европската Унија, предводена од францускиот претседател Емануел Макрон, да ја земе бугарската страна во спорот со Македонија и да ги поддржи бугарските барања за коренито менување на македонската историја и етнички идентитет.
Најзабележителен и дрзок пример е „Францускиот Предлог“, со кој Емануел Макрон во целост ги поддржа бугарските барања за бришење на етничкиот идентитет и историјата на Македонците, и македонските интеграции во ЕУ директно се поврзуваат со капитулација по овие прашања. Оваа политика е целосно поддржана од Европската Унија и е официјален став на ЕУ. Пред неколку месеци, неколкумина европратеници ги осудија постапките на Бугарија како „спротивни на европските вредности“ и навреда на најосновните права на Македонците. Но оттогаш членовите на Европскиот Парламент молчат, веројатно присилно, со цел да се претстави „обединет европски“ пристап кон членството со кој ќе се промовирале „европските вредности“. Овие „вредности“ не смее да вклучуваат бришење на правото на самоопределување и уништување на името, идентитетот, културата, јазикот и историјата на една цела етничка група, велат од организацијата за заштита на човековите права
https://mhrmi.org/vesti/mhrmi-condemns-eu-enabled-bulgarian-harassment-of-macedonian-minority-activists