По една година, во текот на која тужителот Димитар Апасиев од Левица не се појавувал на рочишта, основниот кривичен суд во Скопје ја отфрли неговата тужба против новинарите Мери Јордановска и Предраг Петровиќ од новинскиот сајт А1он.
Апасиев ги тужеше за објавување на приватна порака која што им ја испратил, односно за „неовластено објавување на лични записи“. Целиот спор почна кога новинарката Габриела Димковиќ – Мишевска му се обратила на Апасиев со прашање дали Левица планира да ги донира парите кои ги добива од државата за водење на нејзините изборни кампањи. Апасиев возврати со јавни критики врз медиумот, нарекувајќи ги „сороспии“ и „платени новинари“, по што тие ја објавија нивната преписка. Ова доведе до тужбата на Апасиев. Откако Димковиќ му се извинила на Апасиев, тој ја повлекол тужбата против неа, но продолжил да ги гони Петровиќ и Јордановска.
Државните функционери мора да сфатат дека функцијата ја вршат 24/7 и се поподложни на јавна критика, без разлика дали одговораат на електронска пошта, смс порака, службен или приватен телефон. И кога ние како новинари ги бараме, ги бараме во име на јавноста, за работи кои се од јавен интерес, па оттаму не смее да се воспоставува практика на воведување страв и цензура, изјави Мери Јордановска од А1он по објавувањето на пресудата на судот.
На новинарите им се закануваше парична казна и затвор до една година. Јордановска и Петровиќ инсистираше дека преписката со Апасиев, што ја објавиле на А1он, не претставува приватна преписка туку службена комуникација меѓу новинар и носител на јавна функција.
Имајќи предвид медиумите се еден од стожерите на демократијата и како такви треба да бидат ослободени од секаков вид на притисоци и закани, сите, а особено политичарите и носителите на јавни функции треба да се воздржат од омаловажување, дискредитирање и етикетирање на новинари, се огласи Агенцијата за Аудио и Аудиовизуелни Медиуми по тужбата на Апасиев.