Собранието бара Агенција која ќе ги сместува собранискиот спикер Талат Џафери и пратениците во хотели во земјава и странство за што планира да потроши 250.000 евра за две години. Ова е прв ваков тендер на Собранието. Оттаму велат дека до сега имале проблем за резервација на хотели при патувањата на собраниските делегации и затоа се одлучиле да најмат Агенција. Тврдат дека не се големи агенциските провизии, а на овој начин и постапката би била потранспарентна.
„Кога пратениците одат на пат имаме голем проблем за обезбедување на хотелите. До сега тоа го правеа повеќе собраниските служби, во зависност која делегација патува. Собираа понуди од агенции и се одбираше најповолната.Сега планот е тоа да го прави посебна Агенција која треба да понуди најниски понуда за хотели. Тоа е проценета сума, не значи дека цела ќе ја потрошиме, но во планот за јавни набавки е проектирана врз база на тоа колку се трошело претходните години. Агенциските провизии не се големи“ – вели Цветанка Иванова, генерална секретка на Собранието.
Според тендерската спецификација пак Агенцијата на Собранието треба да му понуди минимум хотели со три ѕезди кои се оддалечени до километар од местото каде што се одржува настанот.
Инаку собранискиот спикер и пратениците планираат да потрошат вкупно 500.000 евра патувања во наредните две години. Покрај овој тендер распишан е и тој за резервација на авиобилети. И таму проценетата сума е речиси 250.000 евра за две години. Тоа практично значи дека во просек ќе се трошат по 680 евра дневно за патувања на пратениците. Од кои по 340 евра за хотел и уште толку за авиобилети.
Податоците каде се е предвидено да патуваат пратениците годинава, собраниските служби не може да ги соберат викендов. Но според Иванова агендата за патувања и на собранискиот спикер Џафери и на пратениците е набиена со отворањето на процесот на евтоатлантските интеграции на земјава.
(Извор 24.мк)