Семејството на младиот полицаец Петар Ѓурчиноски (23), кој загина за време на сообраќајна интервенција во 2019 година, обвинува за неправда откако возачот Шпресим Реџепи (31) од Кичево беше осуден на само една година затвор. Обвинителот Арсим Адеми не се ни обидел да се жали на пресудата, обвинува семејството, кое вели дека „од оваа страна на Групчин нема правда“, алудирајќи на етничката припадност на извршителот и жртвата.
Полицајците Ѓурчиноски и Шабан Феим биле присутни на местото на сообраќајна несреќа на влезот на Гостивар, при што се создала долга колона возила. И покрај тоа што местото било јасно обележано со ротациски светла, Реџепи се залетал со својот Форд Фокус и со голема брзина од 101 километар на час удрил во полицајците. Ѓурчиноски загинал, а Феим добил тешки телесни повреди.
Пресудата била изречена во ноември. Во разговор за порталот МКД.мк, семејството Ѓурчиноски се жали на односот на обвинителот Адеми и судијата Даут Рустеми, кој изрекол ниска казна, а за тоа обвинителот не поднел жалба.
Големи пари се во игра. И еден од сведоците сам ни кажа дека неколку пати му нуделе пари. Нашите деца не се глинени гулаби. Каде е МВР, каде е министерот Оливер Спасовски да реагира на ова. Па негов полицаец загина на работно место, изјавил таткото Зоран Ѓурчиноски. Истиот обвинител бил надлежен и за сообраќајната несреќа во 2021 година во која осуденикот за Рекет Зоран Милески – Кичеец, во време кога требал да биде во затвор, предизвика несреќа со смртни последици на патот Гостивар – Кичево, но доби само шест месеци затвор.
Целиот текст на МКД.мк е достапен тука.