Треба да се унапредат здравствените, социјалните и работничките права на сексуалните работници, порачаа денеска тие на одбележувањето на Меѓународниот ден на сексуалните работници – 2 Јуни. Тие придружувани од нивни пријатели, поддржувачи и активисти го одбележа денот под мотото „Црвениот фустан добро ми прилега“.
„Преку црвени фустани кои сексуалните работници со гордост и достоинство ги носат, покажуваат дека изборот на нивната работа е лична одлука. Црвената боја е симбол на страст и љубов, но и самодоверба и храброст која им е потребна на сексуалните работници во борбата за унапредување на нивните права, нивната благосостојба и за подобро утре“, изјави Хајди Штерјова Симоновиќ, извршна директорка на ХОПС, објави slobodnaevropa.mk.
Заедницата на сексуални работници бара признавање на сексуалната работа како професија по слободен избор, со што таа ќе стане дел од пазарот на трудот, а сексуалните работници ќе бидат препознаени како работници.
Со измени на Кривичниот законик ќе бидат опфатени и сексуалните работници, соопшти денеска владиниот портпарол Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање за барањата на сексуалните работнички за декриминализација на нивната работа. Се воведуваат нови кривични дела, како што се полов напад и полово вознемирување.
Меѓународниот ден на сексуалните работници започнал да се одбележува во 1975 година, кога 100 сексуални работници ја Окупирале црквата Свети Низиер во Лион, Франција.