Пратениците на СДСМ и на ДУИ денеска не гласаа за декларацијата за заштита на ликот и делото на Гоце Делчев, што во Собранието ја поднесе опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
На денешната Комисија за надворешна политика пратениците од СДСМ/ДУИ гласаа против Декларацијата по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, со што истата не беше усвоена, напиша на својот профил на Фејсбук пратеникот Антонио Милошоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно истакна дека сакаат да добијат поддршка од сите политички партии кои што се парламентарни и вонпарламентарни со една цел да се зацврсти темелот за ликот и делото на Гоце Делчев. Од СДСМ повеќе пати рекоа дека оваа декларација не е потребна, бидејќи никој не ни помислува да преговара за Гоце Делчев, но во исто време оценија и дека нејзиното донесување може да ги попречи евро-интеграциите на Македонија, кои се блокирани од Бугарија.
Во декларацијата се тргнува од одредбите на Уставот на Република Македонија, а особено од деловите на преамбулата кои се однесуваат на „жртвите и посветеноста на предците во заложбите и борбата за создавање самостојна и суверена држава“, како и на „традицијата на Крушевската република“.