Конфискација на земјиштето на Водно и во Крушево, на двата стана на улицата „Бихаќска“ во Скопје, како и на трите луксузни апартмани во зградата „Панорама резиденс“, побара обвинителката Лиле Стефанова денеска во завршните зборови во судскиот процес „Плацови на Водно“. За поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, Стефанова побара повисока казна, во рамки на онаа што е предвидена во закон
Судот да има предвид дека обвинетиот цело време како премиер и претседател на политичка партија ја користел својата позиција да се скрие неговиот имот и тоа го правеше до крај, до завршувањето на оваа постапка. Сметам дека треба, со оглед дека е во бегство, да му бидат изречени највисоките казни предвидени во законот, рече Стефанова за Груевски.
За другите обвинетите, пак, таа побара различни казни – за некои максимални, за некои минимални. Обвинителката беше особено мека кон Јордан Орце Камчев и Ристо Новачевски, кои сведочеа против Груевски. Одговорот на ова следеше откако беа објавени снимки од разговори кои Камчев ги водел со Груевски, од кои е јасно дека Груевски нема никаква вина за наводниот криминал. Груевски го обвини Камчев дека лажно сведочи против него под притисок на обвинителството.
„Обвинетиот Сашо Мијалков негираше дека презел какво било дејствие на извршување на кривичното дело, тврдеше дека сведоците Александар Ивановски и Мето Стојчевски не ја зборуваат вистината, но од сите собрани докази очигледно е дека тој ги презел дејствијата на извршување што му се ставаат на товар и го сторил кривичното дело перење пари, бидејќи знаел дека имотот се купува за Никола Груевски, дека парите се од кривично дело, а сепак ги презел дејствијата на извршување почнувајќи од 2012 завршувајќи до 2020 година. Сашо Мијалков во 2012 година бил носител на висока функција, директор на УБК, а имал и висока функција во ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму сметам дека неговата одговорност на прекривање и помагање на Никола Груевски се дејствија кои упатуваат да му биде изречена повисока казна во рамки на казната предвидена со закон”, побара обвинителката.
За Ристо Новачевски, кој бил поставен за управител на фирмата „Сирах инженеринг“, која е фирма ќерка на офшор компанијата „Сирах лимитед“, обвинителката рече дека е единствениот обвинет кој во јавното обвинителство од самиот старт го опишал начинот, ги признал дејствијата на извршување и уште во самата истрага придонел во откривањето на дејствијата и сторителите на кривичните дела.
„Ристо Новачевски пред судот даде исказ во кој на јасен, недвосмислен и точен начин ги опиша сите дејствија, без разлика дали го товарат или не. Ваквата одважност како јавен обвинител ја ценам како исклучително олеснителна околност во одмерувањето на видот и висината на казната и сметам дека се исполнети условите да му биде определена казна која ќе му биде условена”,кажа Стефанова.
За Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на „Сирах лимитед“, и за Орце Камчев, кој потоа преку своите фирми ја презел сопственоста на земјиштето, пак, таа побара казните да се движат кон минимумот предвиден со законот. „Во поглед на обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, морам да кажам дека, иако дадени на крајот на оваа постапка, нивните искази ги ценам како олеснителни околности и на судот му предлагам за нив да определи казна во рамките на законски предвидената казна за кривичното дело која по својата висина би се движела кон законскиот минимум”, рече обвинителката.
Во случајот на обвинителна клупа седеше и мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева. За неа обвинителката го повлече обвинението бидејќи по прецизирањето на обвинителниот акт, како што рече, ги има предвид одредбите за застареност на нејзиното кривично дело.