Русија одговори на потопувањето на Москва со ракетни напади низ цела Украина
Руските сили ноќеска сериозно ги засилија ракетните и воздушните напади врз Украина, како одговор на потопувањето на нивниот крстосувач „Москва“.
Русите ја ракетирале последната функционална нафтена рафинерија во Украина, која се наоѓа во близината на градот Ивано-Франкивск, на крајот запад на земјата. Силни експлозии се слушнале и во центарот на главниот град Киев – Русија се закани дека ќе почне да ги напаѓа командните центри на украинската армија откако Украинците гранатирале села од руската страна на границата.
Ракетиран бил и градот Харков. Русија се обиде да го опколи овој голем пограничен град во својата прва офанзива, и се смета дека нема да се откаже од нападот врз Украина без да го освои Харков.
Утринава и официјално беше потврдено дека крстосувачот „Москва“ потонал додека руски бродови се обидувале да го одвлечкаат до пристаништето Севастопол. Според Русите, дошло до пожар во магацинот за муниција, а Украина тврди дека го погодила со против-бродски ракети.
Се уште не е извесна судбината на парче од Светиот Крст, кое се чувало на крстосувачот. Русија поседува десетина парчиња од крстот, кои се чуваат во нејзините најважни манастири, а пред две години, една од реликвиите била ставена на бродот, како знаменосец на Црноморската флота.