Руската амбасада во Лондон тврди дека се одглумени сцените на бремени жени што бегаат од болницата во Мариупол која наводно била бомбардирана.
Руската амбасада на „Твитер“ објави фотографија од бремена жена која бега од болница. Покрај таа фотографија, тие објавија фотографија од истата жена како блогерка на шминка. Во придружниот текст таа беше наречена „актерката што глумеше жртва на бомбардирањето, а целата сцена беше режирана“. Наведоа и дека украинскиот пропаганден фотограф ги направил првите фотографии. Тие објавија неколку твитови со исти тврдења.
Но, твитот од руската амбасада во Лондон, во меѓувреме, беше избришан бидејќи ги прекршил правилата на „Твитер“. „Презедовме акција против твитовите што ги спомнавте затоа што ги прекршуваат правилата на ‘Твитер’, особено нашите правила за омраза и злоупотреба во врска со негирање насилни настани“, објаснија од „Твитер“ за „Гардијан“.
Спротивно на тоа, некои од западните медиуми пишуваат дека девојката извесно време е бремена, а на повеќе нејзини фоографии на нејзиниот профил на „Твитер“ означен е Мариупол.
Руското Министерство за одбрана тврди дека не стои зад нападот и ја обвинува Украина дека е „исценирана провокација“. Се наведува дека Русија во средата не извршила воздушни напади врз копнени цели во областа поради почитување на договореното примирје.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјави: „Руските воздухопловни сили не извршиле апсолутно никакви копнени мисии за гаѓање во областа Мариупол. Воздушниот напад што наводно се случил е целосно исценирана провокација за одржување антируска атмосфера меѓу западната публика“.