Неколку дена по големата трагедија во Тетово во која во пожар во ковид центарот загинаа 14 лица, од кои 12 се пациенти, а две се надворешни лица, Државниот санитарен и здравствен инспекторат испратил инспектори во Клиничката болница кои утврдиле дека во просториите кај болните нема присутни надворешни лица кои им помагаат.
Вонредната инспекција е извршена во неделата, на 12 септември.
– По допрен глас дека во ковид центарот при Клиничката болница во Тетово има цивили, членови на заболени од ковид-19, ДСЗИ изврши вонреден инспекциски надзор. Во моментот на инспекцискиот надзор, инспекторите не затекнаа надворешни лица и не констатираa повреда на законот. Тоа најверојатно се должи на реалните промени во функционирањето на болницата, под притисок на јавноста по трагичниот настан – велат од Инспекторатот.
Оттаму додаваат дека Инспекторатот ќе продолжи со вонредни надзори во оваа болница, но и во сите останати ковид центри, секогаш кога ќе добие пријава или по допрен глас.
– ДСЗИ може да постапи само ако во моментот на надзорот најде присутни цивили во ковид-центарот каде е забранета посета – појаснуваат од Инспекторатот.
По несреќата излезе во јавност дека роднини на болни во Тетовската болница, посебно на болни од ковид-19 се грижеле за пациентите. Меѓу жртвите од несреќата две беа надворешни лица кои не биле болни.