Повеќе од 250 украински борци излегоа од опколената челичарница „Азовстал“ во Мариупол по тајните преговори за нивна евакуација. Украинската војска избегнува да го користи зборот предавање, опишувајќи ја операцијата како обид да се спасат што е можно повеќе животи.
„Напорите да се вратат момците дома продолжуваат и тоа бара деликатност и време“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Педесет и тројца тешко ранети војници се префрлени во болница во Новоазовск, а 211 заминаа за Оленивка преку хуманитарен коридор. Двата града се наоѓаат на територија во Донбас што е под контрола на проруските бунтовници. Отворено е прашањето дали нивниот статус ќе биде на воени заробеници на Русија, или пак можеби ќе бидат разменети со украинската страна за руски заробеници.