Министерството за правда се откажа од скандалозниот предлог за промени во законот за граѓанска одговорност, со кој дефиницијата за клевета и навреда драматично се проширеше.
Според предлогот, лица и медиуми ќе можеа да одговараат за клевета и навреда дури и ако само „изразат негативно мислење“ за некого или за некоја институција. Предлогот беше најавен во време кога Бугарија бара од Македонија да го спречи ширењето на „говор на омраза“ против Бугарија. Македонските власти во принцип се согласија да го исполнат ова барање, што доведе до загриженост дека обично спомнување на бугарската окупација во Втората светска војна или потенцирање дека Бугарија била сојузник на фашистичка Германија, ќе биде казниво со закон.
По бурните реакции во јавноста, Министерството ретерираше.
Формулацијата во однос на предлог Законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење”, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа. Целосно ги поддржуваме новинарски слободи и права и сите закони ги носиме заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање, се вели во реакцијата на Министерството за правда.