Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој е потписник на договорот од Преспа но сега е критичар на предложениот нов договор со Бугарија, во Фејсбук статус се брани дека не молчел за распродавањето на македонските национални интереси. Во изминатите недели Димитров неочекувано стана критичар на Владата на Димитар Ковачевски и обвинува дека неговиот наследник Бујар Османи подготвува крајно штетен договор.
Потценувањето на јавноста и играта на картата дека граѓаните помнат како златни рипки се застрашувачки за една демократија. Пет минути на интернет се доволни за да се види “молкот” во јавноста. Замислете колку сум “молчел” зад завеси… Сакам да ги разбијам и затворам тие тези. Веќе нема да коментирам лични напади врз мене. Како вели Сократ – кога ќе ја изгубат дебатата, навредите се алатка на губитниците. Преважно е ова прашање за да дозволиме дефокус и манипулација, пишува Димитров во својот Фејсбук статус, во кој објавува наслови од медиуми во кои укажувал на своите претходни критики кон власта, уште од позиција на министер или вицепремиер.
Статусот на Димитров е одговор на критиките дека почнал да зборува јавно дури откако не беше вклучен во новата влада и ја загуби функцијата.