Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за намерно исклучување на струјата во Скопје за време на големата конференција во Македонската Филхармонија, точно кога на присутните им се обраќаше опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Настанот се совпадна со големата хаварија на далновод во близина на скопската населба Пинтија. Без струја половина час остана најголем дел од Скопје, како и Велес и делови на Овче Поле.
Токму во моментите кога лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски даваше отчет за сработеното во првите сто дена снема струја во објектот на Македонска Филхармонија. Мицкоски продолжи со отчетот и во услови на немање на струја со својот говор. Власта на СДСМ ДУИ дoлжи одговори и одговорност зошто снема струја? Бараме одговорност, затоа што никој не смее да ја замолчува демократија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ одговорија со соопштение во кое велат дека ВМРО-ДПМНЕ забегале со вакви обвинувања. „Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ дека некој исклучил струја заради Мицкоски се на ниво на забагеноста со која режимот 11 години злоупотребуваше институции, гасеше струја, лифтови, местеше сообраќајки, фалсификуваше лични карти“.
И премиерот Ковачевски денес го отфрли обвинувањето на ВМРО-ДПМНЕ. „Јас не зборувам за никаков сомнеж, туку за спроведување на сите процедури пропишани според упатствата за работа во МЕПСО и другите институции. Во оваа прилика сакам да им изразам благодарност и пофалба до вработените во диспечерскиот центар на МЕПСО и на техничкиот кадар кој веднаш во најкраток можен рок отидоа на терен и работеа до 3 и пол часот наутро“, изјави Ковачевски.