Oбвинителот Љубомир Лапе во завршните за случајот „Талир 2“ побара обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски да бидат прогласени за виновни и седиштето на политичката ВМРО-ДПМНЕ да биде одземено, јави РСЕ.
„Обвинетите пристапиле кон преземање низа дејствија сето во насока да политичката партија противправно се стекне со имот- ново партиско седиште и со противправна имотна корист- финансиски средства, а спротивно на законските ограничувања“, изјави Лапе.
Лапе истакна дека обвинетите Груевски и Божиновски политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ја третирале како било кој трговски субјект. Според исказите од сведоците и изведените докази, како што посочи обвинителот Лапе, Груевски и Божиновски, биле тие кои ја дефинирале содржината на јавниот оглас, а не партиските органи. Со објавата на јавниот оглас, според него, е оставен простор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и стекнување на сопственост на имот, кој согласно закон политичката партија не ни можела да го стекне.