Министерот за надворешни работи Бујар Османи попладнево се обрати пред европратениците – членови на Комисијата за надворешни работи – и од нив доби
недвосмислена поддршка преговорите за членство со ЕУ да започнат веднаш, јави
дописничката на МИА од Брисел.
Османи ги потсетил европратениците колку долго Македонија е во чекалната, колкав е степенот на усогласеност со потребните реформи на ЕУ, но и на непоколебливата македонска поддршка во санкциите против Русија поради нападот врз Украина. Османи притоа ги предупредил и дека ново одлагање на преговорите не само што ќе има последици врз кредибилитетот на ЕУ во земјава и во целиот регион, туку и дека може да има последици и врз безбедносната ситуација, во време кога, како што истакна, Русија се обидува да се меша и влијае на внатрешните состојби кај сојузниците на ЕУ. Османи посочил и дека Москва веќе еднаш се обидела да се меша во внатрешните работи – произведувајќи низа лажни вести, за време на Преспанскиот договор.
Нашите европски аспирации мораат конечно сериозно да бидат земени во предвид. Северна Македонија, со нејзината граѓанска и политичка мудрост ги избегна сите екс југословенски војни и подоцна, во 2001 година, покажа дека дека знае како се креира мир, соживот, како се почитуваат човековите права и правата на малцинствата. И ние немаме намера да застанеме во борбата за освојување на демократските вредности“, изјавил Османи пред европратениците, споделувајќи со нив и резултати од последните истражувања на јавното мислење во земјава, кои јасно покажуваат пад на ентузијазмот кон ЕУ кај граѓаните.
Бројките што ги споделивте се загрижувачки, и сметам дека како ЕУ имаме огромна одговорност да ја вратиме довербата“, реагирала европратеничката од редовите на Зелените, Тинеке Стрик. Како што јавува дописничката на МИА од Брисел, речиси без исклучок присутните европски пратеници побарале веднаш да се даде зелено светло за почетокот на преговорите со земјава, како и со Албанија, а дел од нив и директно ѝ се обратиле на Бугарија, повикувајќи ја да ја тргне блокадата на преговорите, која се основа на билатерални прашања.