Во колумна објавена во Дојче Веле, поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров бара од ЕУ да ни даде датум во име на солидарност со Украина. „Во овој пресвртен момент за континентот, ЕУ мора повторно да ја види големата слика, да делува стратешки и да го третира проширувањето сериозно“, вели Димитров.
Според Димитров, не желбата за влез во НАТО туку привлечната моќ на ЕУ ја поттикнала Украина да се упати кон западот, што го загрижило Путин и го навело да ја почне инвазијата.
Без разлика на сите дебати за ширењето на НАТО, токму меката моќ на Европа ја инспирираше Украина што потоа го загрижи Путин до таа мера што тој одлучи да го анектира Крим и да го окупира Донбас. Мајдан беше триумф на привлечната моќ на европските вредности. Протестите беа буквално реакција на одлуката да не се потпише Договорот за асоцијација со ЕУ и резултираа со падот на Јанукович кој тогаш се одлучи за поблиски односи со Русија. Тие беа колективен крик за тоа што Европа го претставува, за европската приказна. Копнеејќи по слобода, демократија, добро владеење, правда и просперитет, Украинците на плоштадот во Киев ги издржаа студот, заканите и снајперите. Народот на Украина го третира европскиот наратив многу сериозно. А една европска, демократска и просперитетна Украина, ако стане реалност, може исто така да биде инспирација за поголемиот сосед и опасност за авторитарниот режим на Путин“, вели Димитров кој бара ЕУ да одобри кандидатски статус на Украина.
Но, Украинците ги чека огромно разочарување ако ЕУ најбрзо можно не ги научи лекциите од неуспехот на процесот на проширување во Западниот Балкан, регион кој доби ветување за својата европска иднина уште во 2003 година. Со целосно разбирање за барањето на Зеленски за забрзано членство, ритамот на интеграцијата неизбежно ќе зависи од брзината на трансформација на украинското општество, штом заврши војната. Поголемото прашање во оваа смисла не е толку брзината на процесот, туку дали воопшто членството во ЕУ е возможно, вели Димитров.
Тој укажува дека Македонија е кандидатка за членство во ЕУ од 2001 година, и потсетува дека деца родени таа година веќе се полнолетни. Ова, според Димитров, е показател дека ЕУ загубила чувство за потребата да се примаат нови членки, и дека сега е моментот тоа да се смени.
Во овој пресвртен момент за континентот, ЕУ мора повторно да ја види големата слика, да делува стратешки и да го третира проширувањето сериозно. Ако сака да биде праведна кон Украинците кои се борат и гинат за да можат да бидат рамноправен член на европското семејство, ако сака вистински да ги задржи земјите од Западниот Балкан на нивниот европски пат и да ги затвори џебовите на нестабилност што можат да бидат потпалени од Кремљ, ако сака да избегне неуспешни наративи и натамошни разочарувања, ако сака да им покаже на Грузија и на Молдавија дека проширувањето може да биде успешно – тогаш мора итно да создаде кредибилен и остварлив процес на интеграција базиран на реформски достигнувања и навремен поттик.