Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги предупреди општините да не учествуваат на настани кои руската амбасада ги планира по повод 9 мај – денот на победата над фашизмот. Владата веќе решила дека нема да учествува во овие настани, и го поврзува овој ден со руската инвазија врз Украина.
Ние најжестоко ја осудивме руската агресија во Украина и врз основа на тоа преземаме одредени мерки. Вчера на Влада донесовме и препорака до општините да не учествуваат на настаните по повод 9 Мај, а се планираат од руската амбасада во наредните три дена. Владата ги посоветува општините, затоа што не може да ги задолжи, изјави Османи, посочувајќи дека нема сиви зони по ова прашња, или сте со демократскиот свет или сте со Русија, Белорусија и Северна Кореја.
Османи воедно посочи дека ново во надворешната политика е воспоставувањето процес на следење на имплементацијата на стратешкиот договор со САД и покренување нови иницијативи во делот на економската соработка, енергетиката, одбраната, кибер заштитата, додека со ЕУ продолжуваат разговори на паралелни текови оти нашата цел е да создадеме европска и функционална држава.
Поголема делегација заминува на 2 јуни за Вашингтон и која ќе го започне дијалогот со Стејт департментот. Последно пред неколку месеци Хрватска започна таков процес, но ние сме први од Западен Балкан, кој што го почнуваме и сметам дека е еден вид на признание, на сите наши општествени и државни постигнувања, изјави Османи.