Во својата нова колумна, новинарот Сашо Орданоски го опишува начинот на кој САД и Русија се обидуваат да владеат со светот.
Според Орданоски, пристапот на САД бил многу подобар, бидејќи тие придобивале сојузници и ги обединувале, додека Русија сакала да го шири своето влијание по принципот „раздели па владеј“.
Повеќето упатени воено-политички коментатори тврдат дека наредните две недели од развојот на воената руска инвазија врз Украина ќе одреди дали Путин ќе постигне некаков „обединителен“ освојувачки аргумент во своја полза, за да прифати ефективни преговори за завршување на војната. Откако „блиц-криг“ освојувачката доктрина се распадна, па се помина на конвенционалното срамнување со земја како начин нешто во Украина Русите теренски и оперативно да завладеат, во тек е руското армиско прегрупирање за да им се нанесат решавачки порази на украинските бранители. Следува нова руска воена ескалација, но тоа е единствениот начин за Путин да присака преговори, а да не биде на масата поразената страна во конфликтот. Но, дури и да се одвиваат работите во насоката што руските генерали ја посакуваат – овие новите, кои Украинците не стигнале да ги ликвидираат или Путин да ги поапси – тоа повторно нѐ враќа на прашањето старо барем четири недели: добро, да претпоставиме дека Русија во следниот жесток воен налет ќе го окупира во Украина она што ќе ѝ успее да го освои. И, што ќе прави потоа?! Путиновата инвазија врз Украина тргна како враќање на империјалниот сон за „руските сфери на интерес“. Таа замисла се распадна заради погрешниот пристап со „Раздели, па владеј“. Во денешниот глобализиран свет, принципот на „Обедини, па владеј“ се покажува како помодрен, поуспешен, и веројатно единствен победнички, вели Орданоски.
https://www.slobodenpecat.mk/razdeli-pa-vladej-nasproti-obedini-pa-vladej/