Брачната двојка Ајфер и Керамедин Зендели од Гостивар планираат да ја одбележат 30-годишнината од бракот со искачување на врвот Килиманџаро во Танзанија.
Тие се активни во планинарското друштво Шар, преку кое ќе се приклучат на експедицијата „Килиманџаро 2022“.
Ми беше особена чест да ги пречекам и Ајфер и Керамедин Зендели, планинари и членови на планинарското друштво „Шари“ од Гостивар. На брачниот пар им го предадов знамето на општина Гостивар, кое ќе биде истакнато на еден од највисоките врвови во светот. Овие планинари ќе бидат учесници на „Експедиција Килиманџаро 2022“ и за прв пат ќе се претставуваат нашиот град. Навистина сум горд што нашето знаме ќе се вее на еден од највисоките врвови, изјави Арбен Таравари градоначалник на општина Гостивар.
Сопружниците од првиот човек на општината на приемот го зедоа знамето за кое ветија дека ќе го истакнат на врвот со што ќе ја одбележат и нивната годишнина, триесет години брак. Зендели појаснија дека за оваа експедиција се подготвуваат неколку месеци.
Чувствуваме задоволство од приемот и тоа е важно бидејќи ќе бидеме први од Гостивар што одиме на планината Килиманџаро. Со нетрпение очекуваме да започнеме со качување, секако дека ќе испратиме и фотографии од таму. Искачувањето трае седум дена, а нашето патување десет дена, вели Керамедин Зендели.
Брачниот пар Зендели досега искачиле над 400 планински врвови во Македонија и на Балканот. „Експедиција Килиманџаро“ важи за еден поголем потфат во планинарењето. Учесниците од цел свет се искачуваат на 5.895 метри надморска висина до врвот Ухуру, кој се смета за највисокиот врв во Африка.