Екс обвинителот од Охрид Војо Димоски за кого неодамна имаше дисциплинска казна и предлог за разрешување, доби и обвинение дека додека бил активен во службата „чувал предмети во фиока“, односно не постапувал по нив и на тој начин овозможил пријавените кривични дела апсолутно да застарат за гонење, објави 24 вести.
Најголем дел од предметите кои наводно ги чувал обвинителот се однесуваат на делата кражба, кражба на струја и незаконит риболов и се од периодот од 2013 до 2021 год.
„Обвинетиот овозможил пријавените кривични дела апсолутно да застарат за гонење, и со тоа, потешко ги повредил правата на други подносителите на кривичните пријави и оштетени, бидејќи тие пред истекот на рокот за апсолутна застареност на гонењето по пријавените кривични дела, не добиле одлука ниту за гонење на пријавените лица – со што биле ускратени да ги остварат своите права како оштетени во судска постапка, ниту пак добиле одлука – решение за отфрлање на поднесените кривични пријави со која оштетените би имале право на жалба за да ги остварат правата во претходна постапка.Во текот на кривичната постапка против јавниот обвинител беше утврдено дека на овој начин настапила застареност на вкупно 14 предмети во Основното јавно обвинителство Охрид. Од тие причини против обвинителот беше поведена и дисциплинска постапка во која Дисциплинската комисија донесе решение со кое за сторените тешки дисциплински повреди изрече дисциплинска мерка – предлог за разрешување на јавниот обвинител.” – стои во соопштението од ОЈО Струга.