Zа време на снимањето инсерти за репортажа од основното училиште „Наим Фрашери” во село Ѓурѓевиште, општина Врапчиште, гостиварско, новинарот Неври Адеми и снимателот Збулим Максути биле нападнати од страна на едно лице.
Додека снимавме и работевме на репортажата со колегата снимател Збулим, ни се доближи лицето Бурхан Хамити и откако ни се обрати со погрдни зборови, го фати колегата за глава и го буткаше по скали. Потоа слезе во училишниот двор и почна да не брка со секира. Ние брзо влеговме во автомобилот и се упативме до полициска станица да го пријавиме нападот, а напаѓачот цело време не следеше со неговиот автомобил дури до селото Неготино, гостиварско, изјави новинарот Адеми.
ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот. Потенцираме дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик а МВР и ОЈО, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина, велат од ЗНМ.