Копретседавачот од бугарска страна во заедничката Комисија за историски и образовни прашања Ангел Димитров има нова теза за Македонија – тој во колумна ја предупредува ЕУ дека Русија сака Македонија да стане нејзина членка, бидејќи ќе биде про-руски „тројански коњ“ во Унијата. Со ова, Димитров се обидува да го оправда бугарското вето за Македонија, како наводно бранење на ЕУ од руско влијание.
Неговата колумна што ја пренесоа бугарски медиуми, е објавена во „L’europeo“, периодично списание за историја, политика и култура, а како вовед во ваквата „теза“, Димитров се осврнува на читањето на историјата од македонска страна.
Дали е воопшто научно дозволено да тврдиш дека твоите сопствени историски постулати се недопирливи и непроменливи, ако очигледно се невистинити? Дури и кога за ‘смоквин лист’ им служи инсистирањето на правото на мултиперспективноста во толкувањето, но сфатена не во нејзинатата научна и образовна смисла, туку како политичко право на дискурс кој ги пренебрегнува фактите, историските извори и преовладувачките тези во светската историографија, пишува Димитров.
И оттаму ја гради „аргументацијата“ дека политиката на Софија е исправна, а критиката против неа неоправдана, бидејќи токму Брисел ризикува да вгнезди тројански коњи во Унијата. Притоа Димитров ја става РСМ во „тројански пакет“ заедно со Србија.
Од таков ракурс, дали Европската Унија и САД разбираат дека кога ја насочуваат критиката само кон Бугарија, тие всушност ја рехабилитираат Коминтерната, руските и српските интереси, Сталин и Тито и тоа идеолошко наследство кое е апсурдно оддалечено од научната прецизност, политичка коректност и европски вредности? И дека државност, која е генетски поврзана со Србија и со Русија не може, и се чини дека не сака да им сврти грб? Во тој контекст, апсурдни се навестувањата дека бугарската позиција им е на услуга, бидејќи Бугарија категорично ја поддржа евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија за да ѝ помогне да се извлече од нејзината стара југословенска комунистичка орбита. А инаку Москва нема ништо против евроинтеграцијата на Белград и Скопје, бидејќи – со политичкото наследство што ги врзува за неа – тие ќе ѝ бидат толку потребните ‘тројански коњи’ во Европската унија, пишува Димитров.
Македонија останува блокирана од Бугарија, а по вчерашната посета на ЕУ претставникот Жозеп Борел оваа блокада изгледа загарантирана. Каков и да беше меѓународниот интерес за Македонија досега, тој целосно исчезна со почетокот на војната во Украина, а Бугарија сега, од позиција на сила, може да изнесува вакви тези за да го оправда своето вето.