Вчерашното заедничко интервју на Никола Димитров и Никола Тодоров во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 ја отвори можноста за нивен заеднички политички настап во блиска иднина. Двајцата поранешни функционери, кои своите кариери ги градеа главно низ ВМРО-ДПМНЕ, беа прашани дали планираат да формираат своја партија, што го прифатија со смеење, но не одговорија одречно.
Мислам дека политичка побарувачка од нова политичка сила има. Тоа го покажаа последните локални избори, и со неизлезноста, и со гласовите за граѓански здруженија и независни листи. Јас сум уште во фаза на анализа да видам мојата улога како би била најпродуктивна, и во општествен и политички ангажман од кој апсолутно немам намера да се откажам, меѓутоа рано ми е да кажам баш конкретно што ми е планот, одговори Димитров.
Тодоров беше еден од најблиските соработници на Никола Груевски, и клучен преговарач на партијата за време на Пржинските преговори. Кога Груевски обвини дека луѓе од партијата му забиле „ножиња во грб“, во голема мерка се сметаше дека мисли токму на Тодоров. Но неговите обиди повторно да биде политички влијателен во партијата, преку фракцијата на Митко Јанчев, не вродија со плод и поранешниот министер за образование и здравство остана да се занимава само со својата адвокатска кариера.
Димитров, пак, беше дел од кабинетот на Борис Трајковски и амбасадор во Вашингтон именуван преку ВМРО-ДПМНЕ, а во времето на Груевски – еден од главните водечките лица во спорот што Македонија го покрена против Грција во Хаг. Тој го одби понуденото амбасадорско место во Москва за да се приклучи на Шарената Револуција, по која стана дури и носител на пратеничката листа на СДСМ во Првата изборна единица во 2020 година. Но, со никаква реална партиска база во СДСМ, Димитров бргу беше тргнат на страна во партијата и во владата, особено откако Бугарија одби да преговара со него, а доделениот ресор – ЕУ интеграции – беше заглавен со бугарското вето.