Судија на претходна постапка доцна пред полноќ одлучи да го прифати предлогот на Обвинителството и да определи мерка притвор за генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, кој денеска си даде неотповиклива оставка од функцијата.
„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против едно лице за кое постојат основани сомненија за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, судија на претходна постапка по произнесување на надлежниот обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител во однос на предлогот, а притоа ценејќи ги сите факти приложени во предлогот, донесе решени со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1,2 и 3 од ЗКП. Како што и претходно информираше судот, судијата на претходна постапка по добивање на предлогот на Јавниот обвинител, во Законски утврдениот рок издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот, но во текот на денот истиот самиот се пријави во судот да се произнесе во однос на предлогот“, се наведува во одлуката од Судот.
Обвинителката Катерина Коларевиќ побара да се одреди притвор за Мухамед Зеќири и додаде дека очекува тој да биде прифатен. Таа нема докази, но има сомнежи дека тој може да биде недостапен за органите на прогонот. Коларевиќ, водејќи се од информациите на полицијата, вели дека хрватските државјани, кои исто се осомничени, не се во Македонија.
„Во овој момент доказ во формална смисла дека ќе бега немаме. Сомнеж – да. Тоа се оперативни сознанија, кои се изнесени, а доколку судот ги прифати, ќе ви бидат соопштени“, рече Коларевиќ.
Обвинителката не можеше да каже каде се парите, додавајќи: „Истрагата е почната вчера, сето она што е обезбедено како документација е од предистражна постапка. Не можам да кажам дали се потрошени или не, како и дали се извадени од државата. Си има управа за финансиско разузнавање, која се обидува да ја утврди трагата како се движеле парите. Кога ќе имаме доказ, ќе информираме“.
https://www.youtube.com/watch?v=wjkk0rDjP08