Нашите животи ја губат смислата тогаш кога наместо да зборуваме ќе замолчиме пред неправдите и затоа ние денес сме гласни повеќе од било кога порано, зошто само така ќе ги победиме неправдите. Имаме неправда, потребна е правда, ние ќе ја донесеме правдата, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Охрид.
-Неправда е кога родители на патриоти тажат за двата века затвор за случајот со 27-ми април. Неправда е кога ќе ви ги намалат пензиите, кога вакцините немаат квалитет, а воздухот убива, и кога лажно ќе ти ветат и нема да ти го ценат трудот. Неправда е кога ја нема ветената минимална плата од 500 евра додека сметките само растат и кога даноците и трошоците растат ли растат и за се се бара арач во проценти од 5-15. И кога наместо работа добиваш карта во еден правец далеку од дома. Одиш далеку од родното огниште и ја оставаш грутката. Неправда е кога од правдата прават пазар, кога плукаат по АСНОМ, по Ченто, по Панко, по Киро. Најголема неправда е кога ја продаваат Македонија. Сега повеќе од било кога овие 28 години е време за правда. Време е за повисоки пензии. Време е за квалитетно здравство. Време е трудот да биде ценет, ветувања кои се остваруваат. Време е за повисоки плати. Време е вредните да работат без уцени. Време е иднината на младите да биде овде, во нивната татковината. Време е да се раскине на оние кои брутално лажеа. Време е Охрид да биде поубав, а Македонија достоинствена, честита и напредна. А сите оние кои се колебаат да ни се придружат ќе ги замолам и ќе им порачам дека вреди да се бориме, истакна тој.
Мицкоски порача: Вреди да се бориме затоа што нашиот мотив е многу голем и се вика правда за Македонија.
-Еден ден кога ќе помине време, многу Македонци ќе се запрашаат дали направивме сè што можевме за да се избориме за работите во кои веруваме? Дали ја оправдавме големата одговорност која и беше дадена на нашата генерација? Во многу моменти од животот ќе забележите дека работите не биле фер, дека некој тргува со работи кои се свети, ве притиска, прогонува, осиромашува и обесправува. Не се откажувајте, продолжете да се борите! Колку повеќе ви викаат дека е готово, ве тераат да се обесхрабрите, не се откажувајте – борете се! Емоциите да ги претвориме во акција! Време е за правда, веруваме во Правда! Во химната стои дека Македонците се борат за своите правдини! Македонците не веруваат во власта – веруваат во Македонија! Таа е радост, тага, болка, успех, суштина, пиреј, Татковина! Барај те го најдоброто во себе! Дојде часот! Колку повеќе ти викаат дека нешто не е возмозно ти повеќе мотивирај се! Докажи им дека грешат! Победи! Колку повеќе овој скршен и трул систем те притиска толку повеќе знај дека си на вистинската страна! На страната на правдата. На страната на Македонија! Приклучете се. Дојдете, излезете, застанете рамо до рамо, да го раскажеме сонот за Македонија и тој да стане јаве. Еден ден ќе можете гордо да кажете затоа што татковината ме повика! Јас бев еден од оние стоитици илјади граѓани на Македонија кои ја донесоа правдата за Македонија! А Македонија е нашата љубов, нашата емоција, инспирација и водилка во животот. Нашата муза и нашата страст. Северна е нивната, нашата е само Македонија. Земјата на нашите предци, на Рацин, на Андреевски, наМисирков. Делото почнато од Карев, идеалот на Делчев, сонот остварен на Ченто, Брашнаров и Шатев, порача Мицкоски.