Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги обвини ДУИ дека планираат да го искористат најавениот нов заем од скоро милијарда евра за огромен коруптивен проект. Мицкоски не открие за што точно станува збор, но ја спомна продажбата на компанијата Бетон на Исмаил Јахоски – Пуцко Петрол од ДУИ, и навести дека се работи за голем инфраструктурен проект.
Ветуваа европска иднина, а донесоа должничко ропство. Она што е интересно и што треба да го знаат граѓаните е обидот да се затскрие вистинската намена на овие 900 милиони евра. Прво ќе излезат и ќе кажат дека биле 900 милиони евра за буџетска поддршка, за ликвидноста на буџетот. Видоа дека таа приказна тешко проаѓа и наидува на критика во јавноста, па потоа се обидоа на мала врата да протнат една друга теза дека се потрошени државните резерви во четвртиот квартал од минатата година и првиот квартал од оваа година, нешто повеќе од дванаесет проценти од вкупниот волумен на државни резерви па требало тие да се покријат. Суштината е нешто друго и повторно главен играч тука е ДУИ, а СДСМ е само набљудувач на тој процес. Тоа се пари кои се наменети за тој проект кој што долго време го најавува ДУИ, а како подготовка на тој проект, изминативе денови е направена промена на сопственичката структура на една стара градежна македонска компанија сопственост на еден бизнисмен, а сега во дел од сопственоста влезе лице кое што е блиско до ДУИ, рече Мицкоски.
ДУИ ги предводи преговорите со американската градежна компанија Бехтел, која доби ексклузивно право да даде понуда за автопатите Гостивар – Кичево, Битола – Прилеп и Струга – Ќафасан.