Министерството за внатрешни работи ја потсети јавноста дека одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства е кривично дело предвидено во членот 407-а од Кривичниот законик. Предупредувањето е испратено по обвинувањата за воени злосторства што руските сили наводно ги вршат во Украина – МВР најавува дека граѓани кои го негираат западниот наратив или јавно ги фалат Русите за нивните постапки може да одговараат.
Тој што по пат на информационен систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и оправдува ваквите дела ќе се казни со затвор од една до пет години. Ако делото е сторено со намера за поттикнување омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група на лица поради нивната национална, етничка или расна припадност или верска определба, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години, предупредуваат од МВР.
Во членот 404 од Кривичниот законик, пак, прецизно е наведено што опфаќа поимот „воено злосторство против цивилно население“. „Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи интензивно ги следат сите изјави и коментари на социјалните медиуми поврзани со случувањата во Украина и согласно своите законски надлежности ќе преземат кривичен прогон против сите сторители кои со своите објави и јавно изнесени ставови ќе го сторат наведеното кривично дело“, стои во објавата на профилот на МВР на Facebook во кој се апелира и до граѓаните кои ќе забележат вакви случаи да ги пријавуваат на мејлот [email protected] за соодветно постапување.