Анализа на социјалната мрежа Твитер, која била спроведена со специјално направена програма, покажала дека безмалку половина од сите 22.2 милиони корисници на мрежата кои го следат претседателот на САД Џо Бајден се ботови, односно лажни, измислени, автоматски профили.
Анализите на Твитер се спроведуваат откако милијардерот Илон Маск најави дека сака да ја купи мрежата за 44 милијарди долари. Пред да ја плати оваа неверојатна сума, Маск бара темелно да се провери колкумина од корисниците на мрежата се вистински луѓе, а колку се ботови.
Програмата ги испитала фотографиите што ги користат твитерџиите кои го следат Бајден, кога биле направени нивните профили и каде се лоцирани. Анализата покажала дека дури 49.3 проценти од нив не се вистински луѓе.
Маск реагираше на зачестените информации за огромниот процент лажни профили на Твитер, што може да значи дека компанијата не е толку вредна колку што се претставува. „Има вкупно 20 проценти лажни/спем профили. Тоа е четири пати повеќе отколку што Твитер тврдеше, а можно е да ги има уште многу повеќе“, изјави Маск.