Во ниту еден момент не сум ѝго свртел грбот на социјалдемократската идеја, а најмалку на членовите на СДСМ, но нема да дозволам да бидам составен дел на одредени политички интриги на поединци кои извршуваат одговорни и политички функции, рече актуелниот градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски, во денешното директно вклучување во Дневникот на Сител.
Тој тврди дека концептот за независна кадидатура за градоначалник на Куманово е следниот победник на изборите во оваа општина.
– Ние сме соочени да се натпреваруваме со кој било останат кандидат од која било политичка партија или граѓанска опција, затоа што нудиме добри решенија за нашиот град, за нашите граѓани и повеќе од јасно е дека и анализите го потврдуваат тоа. Целата оваа иницијатива дојде токму од граѓаните и голем број на поддржувачи, членови и активисти и симпатизери коишто дојдоа и побараа од мене покрај внатрепартиската постапка да излезам со еден ваков концепт и да побарам граѓанска поддршка. Во секој момент сум отворен и верувам дека моето актуелно политичко раководство на партијата ќе изнајде начин и сили до последен момент да подржи една ваква кандидатура – рече Димитриевски.
Тој посочи дека во ниту еден момент не го свртил грбот на социјалдемократската идеа, а најмалку на членовите на Социјалдемократскиот сојуз.
– Нема да дозволам и да бидам составен дел на одредени политички интриги на поединци во склопот на мојот политички субјект коишто извршуваат одговорни и политички функции. Затоа ја послушав иницијативата на граѓаните и денеска се одлучив на ваков потег. Се заблагодарувам на сите кумановчани коишто денеска дадоа масовна поддршка на една ваква иницијатива бидејќи сепак тие заслужуваат почит и признание – додаде Димитриевски.