Новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Македонија покажува зголемување на поддршката за одржување на блиски односи со Кина и Русија, а расте и поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“.
Во однос на надворешната политика, како што соопшти ИРИ, 64 отсто од граѓаните на Македонија се согласуваат дека силните односи со Кина им служат на нивните интереси. Шеесет проценти истото го мислат за Русија. Ова е зголемување од единаесет проценти за Кина и шест проценти за Русија во однос на анкетата спроведена во февруари 2020 година. Новообјавената анкета покажува дека се уште останува силна поддршката за Европската унија (ЕУ) и САД. Севкупно, 85 проценти се согласуваат дека силните односи со ЕУ најдобро им служат на интересите на Македонија, а 76 отсто го делат истото мислење за САД.
Додека Македонија се труди да постигне демократски напредок, загрижува фактот што Кина и Русија продолжуваат со постојаните упади, вели Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа. За среќа, додава тој, поддршката за блиски партнерства со ЕУ и САД останува многу силна.
Анкетата покажува и дека 75 отсто од возрасните ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, серија договори во кои се вклучени Албанија, Македонија и Србија за да помогнат во олеснувањето на трговијата, бизнисот и движењето на граѓаните меѓу земјите.