Пратеникот на Левица Борислав Крмов најави дека партијата нема да му прости на директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, и на другите кои учествуваат во фалсификатот на пописот и во разградувањето на македонската држава. Крмов рече дека е јасно, од изјавите на Симовски, дека очекува да биде прогласен за државен непријател број еден кога резултатите ќе бидат објавени за една недела, дека пописот ќе биде фалсификуван.
Пак ќе кажам, затоа што еве, и Апостол нели излезе и вели дека ќе бил непријател број еден, со тој врзан потпис што го има нели со тој директорот од ДУИ.. значи кој знае какви ќе бидат резултатите. Ние стравуваме дека ќе има вештачко поместување на етничките граници за поголема моќ на албанските партии, конкретно на ДУИ. И еве, Апостол Симовски, како најодговорен, ние неколку пати кажавме, ние ќе дојдеме по тие луѓе кои што учествуваат во растурање на државноста на Република Македонија. Значи ние ова не го простуваме, изјави Крмов.
Конкретно, Крмов откри дека во заводот имало експерти од надвор и имало технолошки можности првични резултати од пописот да бидат објавени веднаш откако тој заврши, минатата есен. Долгото чекање од октомври до март, според него, е јасен показател дека резултатите биле местени, со цел бројот на Албанците вештачки да се зголеми.