Матична лекарка од Демир Капија ќе одговара за смртта на малиот Илче, тешко болно дете оке почина од дехидрираност во 2020 година.
Обвинителството после година и половина поднесе обвинение против докторката бидејќи преку телефон го лекувала 11 годишното дете од Охрид со церебрална парализа кое беше напуштено од родителите и сместено во семеен дом во селото Куршеница под надлежност на специјалистичкиот завод во Демир Капија. Иако имала обврска матичната воопшто не го прегледала детето кое 5 дена имало висока температура и дијареа, а починало од дехидрираност.
Спротивно на Договорот, здравствената помош ја укажувала без да изврши непосреден физикален преглед на детето, ординирала терапија и неговата состојба ја следела со телефонски известувања, не дала инфузија, па поради тоа дошло до влошување на здравствената состојба на детето, настанала дехидрираност на неговиот организам и на 5 октомври 2020 година настапила смрт, стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Малиот Илче од Охрид ја крена јавноста на нозе , откако негова соседка пријави дека спие на чергиче и година дена не било искапено. Детето со церебрална парализа прво било напуштено од таткото, а потоа и од мајката. Во тешка состојба поради запуштеноста беше хоспитализирано на Детската клиника, а месец дена пред да почине Илче престојуваше во семеен дом во околината на Демир Капија.