По острата осуда на руското признавање на независноста на Доњецк и Луганск од страна на министерот Бујар Османи, македонски претставници од власта и од опозицијата денес исто така изразија поддршка за територијалниот интегритет на Украина.
Претседателот Стево Пендаровски рече дека Русија грубо го прекршила поредокот базиран на меѓународното право, што е закана за цивилизацијата. „Изразувам цврста поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, додаде Пендаровски.
Ја осудувам одлуката на Русија за признавање на Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики“. Ваквиот чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и одлуките на Советот на ООН од 2015. Заедно со НАТО сојузниците повикуваме на решавање на конфликтот по дипломатски пат, додаде премиерот Димитар Ковачевски.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, исто така на Твитер, напиша дека Македонија безрезервно го поддржува територијалниот интегритет на Украина и ја споделува позицијата на ЕУ заснована врз меѓународното право. „Наместо ескалација на конфликтот неопходни се дипломатски напори за преговори врз основа на обврските од Договорот од Минск“, додаде пратеникот.