На денот на апсењето на Мухамед Зекири, за сериозен случај на корупција, новинарката Катерина Блажевска објави колумна во која повикува на апсења и расчистување со криминалот, како начин јавноста да се дефокусира од поскапувањата, инфлацијата и изневерните ветувања на ЕУ.
Блажевска предупредува дека, ако Македонија не добие датум за преговори и овој јуни, тогаш про-европската политичка опција ќе биде збришана од политичката сцена. Заедно со растечките протести поради инфлацијата и драстичното поскапување на трошоците за живот, Блажевска вели дека постои опасност други политички сили да дојдат на власт, а за да се спречи тоа, таа предлага апсења, по што граѓаните „ќе покажат повеќе трпение за сегашната оскудација“.
Проблемот е што големиот број протести најавени овде, сите во ист период, може да бидат (зло)употребени и претворени во платформа што ќе ги надмине причините за протест. Ако во јуни изостане одлука за почеток на преговори, таа капсула на незадоволство може да биде киднапирана и од други побуди и протагонисти, кои разочарувањето од ЕУ ќе го нострифицираат како поддршка за други политики. Тогаш, никој не ќе мора да нѐ става на списокот непријателски земји, зашто самите себеси ќе си станеме непријатели. Клучот да не се случи такво сценарио, колку што е во рацете на Бугарија и ЕУ, толку е и во рацете на секој македонски граѓанин, свесен за моменталните социо-економски можности на државата, и за разликата меѓу војна, мир и националистички пир. Но, тоа е едната страна на медалот. Другата страна подразбира навремени и ефикасни санкции за сите што ја подјадувале и разграбувале супстанцата на земјата. Не може за едни секогаш да биде криза, а за други – секогаш рај. Кога граѓаните ќе се уверат дека криминалот навистина и неселективно се санкционира, и дека украденото се враќа во државната каса, тогаш и тие ќе покажат повеќе трпение за сегашната оскудација.