Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија, до крајот на француското претседателство, на 30 јуни, јави дописничката на МИА од Брисел.
Борел ова го изјави вечерва на прес – конференцијата по Министерскиот совет за надворешни работи, на кој се одржа и посебна седница со министрите за надворешни работи од Западен Балкан за прв пат.
Длабоко навлеговме во прашањето за односите со Бугарија, кое го блокира процесот, за време на дебатата помеѓу земјите членки на ЕУ, и ова е нешто што мора да биде надминато, има политичка волја во Советот за да се избегне криза што би се случила ако не се реши до крајот на француското претседателство во временскиот рок. Ако не се случи ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан и ќе продолжиме да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение – изјави Борел вечерва од Брисел.
Тој потсети и дека Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите на ЕУ против Русија, како и дека Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва. Сево ова, посочи, ќе има цена.
Треба да започнеме преговори со Македонија и Албанија, и се надевам, повеќе од надеж и желба, дека тоа ќе се случи за време на француското претседателство, сметаме дека ова одлагање е неодржливо – рече Борел, додавајќи и дека двете земји ги исполнуваат сите услови што се бараат од нив, и ако немаат перспектива за ЕУ тоа ќе ја чини Европа многу во смисла на кредибилитет, а ќе претставува и подарок за Русија.